Газдата на „Боката“ се извини за однесувањето на келнерките

Продавачите на „Лице в лице“, заедно со писателката Јагода Михајловска-Георгиева, во петокот биле грубо избркани од едно кафулето „Боката“  во центарот на Скопје. Во кафулето тие сакале да да го претстават најновиот број на списанието што го продаваат луѓе од социјално маргинализирани групи. Писателката Јагода Михајловска-Георгиева овој немил настан го сподели и на социјалните мрежи. По овој инцидент, на својот фејсбук-профил, и кафулето „Боката“ објави извинување до списанието „Лице в лице”.

„Во име на фирмата и персоналот на ‘Боката’ им се извинуваме на луѓето вработени во списанието ‘Лице в лице’. Како сите граѓани така и ние немаме ништо против лицата со посебни потреби и сите останати групи што се наведени во текстот.Секогаш сме поддржувале хуманитарни акции. Бараме разбирање бидејќи во нашиот локал секојдневно влегуваат лица од различни категории и не се сите со добра намера што ги вознемируваат нашите гости.

Во иднина ако сакате да го продавате вашето списание кај нас би ве замолиле претходно да бидеме известени и нема да има никакви проблеми. Како фирма би купиле по неколку примероци за да ја покажеме нашата хуманост која постојано ја правиме кон оваа група (чаша вода,чај,  користење на тоалетот). Се оградуваме од острината и реториката на самиот текст“, се вели во извинувањето.

Претходно, писателката Јагода Михајловска-Георгиева раскажа за овој немил настан. Таа вели:

„Ден петок, овој втори март, надвор шиба дожд, внатре топло, полни масите, испаруваат кафињата, чадат цигарите, џагори расположениот свет. Нерасположено кон ‘различните’, едно девојчиште гневно ни се вдава, попречувајќи ни го патот, келнерка ли, менаџерка ли, сеедно. Надвор!, паѓа воинствена наредба. Зошто?, прашувам, колпортерот Ром ‘ниту писна, ниту заби стисна’, навикнат бил на ваквите, отпосле дознавам. Излезете веднаш!, кербер девојчиштето го истопорува едрото тело на браникот пред напаста од ‘различните’. Галиба и јас ѝ се сторив Ромка, темен ми е тенот. Новинарките и фоторепортерот на ‘Лице в лице’ не успеваат ни прагот да го минат, киснат на дождот. Овде е газдата?, прашувам. Излезете веднаш!, заржува одбраната. Од кај масите тапи, рамнодушни погледи, ‘нису одавде, не тиче их се’. Името на газдата?, пак јас. Не е важно!, му се спојуваат жичките на девојчиштето, ме турка кон излезот. Тоа жилаво, жилава и јас. Новинар сум, го вадам асот од ракав, а вие луѓе ли сте? Луѓе сме, надвор одовде!, се оѕверува бездушно истуркувајќи ме, снажно некое Богами. Го врти грбот и ми ја треска вратата на која не го пишува она ‘Забрането за разни гадинки…’, ама ‘го прочитавме’, отсега ќе знаеме“.

 

Списанието чини 100 денари, а половина од сумата ја задржуваат продавачите.

 

Scroll to Top