По 70 години, „Икеа“ веќе нема да го печати својот каталог, што е една од најголемите годишни публикации на светот. Бидејќи муштериите се префрлаат на дигиталните алтернативи за да видат што има ново во нивната понуда, шведската компанија реши да го укине катаогот што го даваше бесплатно.
Каталогот го достигна својот врв во 2016 година кога беше отпечатен во 200 милиони копии и дистрибуиран во над 50 земји. Последното издание, за 2021 година, ќе биде испечатено во 40 милиони копии. Првиот каталог го составил основачот на компанијата Ингвар Кампрад во 1951 година. Имал тираж од 285.000 копии и бил дистрибуиран само во јужна Шведска.
„Каталогот стана омилена и легендарна публикација и важен фактор на успехот за ‘Икеа‘ да стигне до муштериите и да ги инспирира. Одлуката да ја свртиме последната страница е емотивна, но и рационална“, соопштија од компанијата и открија дека дигиталната продажба лани пораснала 45 %.