Контроверзната капсула за самоубиство, која на своите корисници им овозможува да се убијат со притискање копче, стигнала на погребниот саем во Амстердам.
Наречен Sarco, кратенка од саркофаг, машината измислена од австралискиот активист за евтаназија, Филип Ничке, и холандскиот дизајнер Александар Банинк, доаѓа со ковчег што се одвојува, кој е поставен на постамент во кој се наоѓа контејнер.
„Лицето што сака да умре треба да го притисне копчето и капсулата ќе се наполни со азот. Ќе почувствува мала вртоглавица, но бргу ќе ја изгуби свеста и ќе умре“, изјавил Никче, кој, поради својот изум, бил наречен Доктор Смрт.
Sarco е уред за овозможување смрт за луѓето што сакаат да умрат“, изјавил Никче.
Изумителите го изложиле моделот заедно со очилата за виртуелна реалност за на посетителите да им овозможат вистинско доживување пред смртта, како и на оние што треба да им биде извршена евтаназија.
Никче изјавил дека целта му било да изгради вистинска целосно функционална капсула пред крајот на годината. Потоа дизајнот ќе биде ставен на интернет како документ со отворен изворен код, кој луѓето ќе може да го преземат.
„Тоа значи дека секој што ќе сака да изгради ваква машина може да ги преземе плановите и да испечати сопствена капсула со помош на 3Д-печатач“, изјавил Никче.
На прашањето за контроверзноста што е опфатена со евтаназијата и правните пречки, Никче одговорил: „Во многу земји самоубиството не е противзаконско, само му помагаме на човекот да стори самоубиство“.
„Ова е ситуација во која една личност може да одлучи самата да го стисне копчето наместо да се фрли под воз. Верувам дека тоа е темелно човечко право (да го одберете моментот кога ќе посакате да умрете), тоа не е само некоја медицинска привилегија за болните. Ако имате драгоцен дар во животот, би требало да имате право да го искористите тој дар, во време по ваш избор“, изјавил Никче.
Илјадници посетители се собрале на годинашниот Amsterdam Funeral Expo во познатиот Вестеркерк, каде што на тапет биле сите најнови трендови поврзани за смртта, како што се биоразградливите ковчези и други визуелни додатоци за погребните возила.
Но, Sarco привлекол голем број луѓе, од кои многумина биле морбидно љубопитни да го испробаат уредот и очилата за виртуелна реалност.
„Тоа е навистина доживување и чудно е тоа да се види, но многу убаво и мирно, ќе ја видите Месечината, ќе го видите морето и тоа е многу спокојно“, изјавил Пиет Верстаатен (52) од источниот холандски град Венраи.
Други, пак, не биле толку импресионирани.
„Па, мислам дека тоа е прилично глупо. Тоа е глупо. Не разбирам. Не ме интересира уредот Sarco. Не.“, изјавил 52-годишниот Роб Брунтинк.
Ова сѐ повеќе личи на научнофантастичниот филм Soylent Green, во кој главниот лик Сол се одлучува на евтаназија.
Видете како тоа изгледало во Амстердам: