Пештерата на Тито во Дрвар ќе се реновира, а за санацијата владата на Босна и Херцеговина одвоила 25.000 евра. Денеска во Сараево бил потпишан и договорот меѓу федералната министерка за туризам Едита Ѓапо и началничката на Дрвар, Душица Руниќ. Пештерата на маршалот е оштетна од неодамнешното силно невреме.
– Заштитата и зачувувањето на овој комплекс е од посебно значење не само за општината Дрвар туку и за целата земја. Тоа е извонреден спој на природно богатство и историски споменик кој сведочи за борбата на народот на Босна и Херцеговина против фашизмот – вели Ѓапо.
Од Федералното министерство за околина и туризам се обратиле за помош до началникот на Општина Дрвар. Било побарано да се обезбедат средства за санација на пештерата во рамки на Спомен-комплексот „25 мај“.
До последната војна, Титовата пештера и комплексот „25 мај“ годишно ги посетувале и до 200.000 туристи. Во поранешна Југославија пештерата била обврзувачки дел од школските излети и екскурзии.