Компанијата „Тесла“ е под истрага затоа што во нивните возила може да се играат игри

Во САД е покрената истрага која опфаќа повеќе од половина милион „Тесла“ автомобили кои се опремени со екрани. Истрагата следела откако еден возач се пожалил откако открил дека може да игра видео игри додека вози, пренесува „Би-би-си“.

Сега Американската Национална управа за безбедност на патиштата ги испитува околу 580.000 електрични автомобии на „Тесла“ од моделот 3 S и X, направени во периодот од 2017 година, па до денес. Функцијата која се испитува се нарекува Passenger Play.

Оваа функција им овозможува на совозачите да играат видео игри на екраните во автомобилите.

Passenger Play предупредува дека играњето на игри во возилото додека е во сообраќај е само за сопатниците и дека побарале потврда пред да дозволат инсталација на било каква видео игра.

Но, од  Американската Национална управа за безбедност на патиштата велат дека Passenger Play може да им го одврати вниманието на возачите и дека постои ризик од судар на патиштата.

Оваа функција била достапна уште од декември минатата година. Претходно истата била овозможена само во моментите кога возилото не било во движење.

Американската Национална управа за безбедност на патиштата уште во 2013 година, препорача уредите во возилата да се дизајнираат така што возачите да не можат да ги користат. Минатиот месец, сопственик на еден „Тесла“ автомобил, Винс Патон од Орегон, забележал видео на „Јутјуб“, на кое се гледа како возачите можат да го користат Passenger Play.

Откако го тестирал на паркинг, тој открил дека навистина може да се играат игри за време на возењето. Патон одма поднел жалба до Американската Национална управа за безбедност на патиштата. Од компанијата на Илон Маск, засега немаат коментар за ваквата истрага.

 

 

 

Scroll to Top