Легендарното „фиќо“ наполни 66 години: Симбол на Југославија и работничката класа

Пред 66 години на денешен ден е произведен првиот „фиат 600“, кој подоцна беше преименуван во „застава 750“. Но, популарниот автомобил кај народот секогаш беше познат како „фиќо“. Црвеното „фиќо“ отсекогаш било симбол за национално возило на Југославија, автомобил за работничката класа и прв автомобил на многу денешни возачи.

„Фиат 600“ првпат е претставен 1955 година на саемот на автомобили во Женева, како дело на главниот инженер на „Фиат“, Данте Џиакоза. Тој е замислен како наследник на легендарниот „тополино“ (модел од 1936 г.). Истата година, на 18 октомври 1955 година, во фабриката „Застава“ во Крагуевац почнало производството на „застава 750“ по лиценца на „Фиат“ и тоа производство траело до 1985 година.

Во тоа време „фиќото“ било најпопуларно возило во поранешна Југославија, па го користеле полицијата, пожарните и амбулантите.

Уште еден доказ дека станува збор за квалитетно возило е тоа што и денес, 66 години подоцна, популарното „фиќо“ сè уште го има на улиците и кај нас. Некои од најстарите модели и денес се зачувани во одлична состојба. А додека траело производството, во тие 30 години во фабриката „Застава“ се произведени 923.487 „застава 750“ автомобили.

„Фиќото“ бидејќи било мало можело да има само 2 врати и едвај собирало 4 лица кои би седеле комотно. Бидејќи моторот е одзади, багажникот напред бил зафатен од резервоарот за гориво.  „Фиќото“ има мотор со мала јачина, но и со мала потрошувачка. Имало најповолна цена, а и лесно се одржувало. До ноември 1985 година, овој симбол на поранешна Југославија е продаден во 923.487 примероци.

 

Scroll to Top