Киногрупацијата „Синеплекс“ ја почна изградбата на киносали на втора локација во Скопје, во новиот трговски центар Ист гејт мол.
Новото мултиплекс кино ќе биде на површина од приближно 3.000 м2 и повеќе од 1.000 места во осум сали, а посетителите ќе имаат можност да ја доживеат филмската магија преку најсовремена кинотехнологија. Од групацијата „Синеплекс“ најавија дека во новиот простор ќе има и ексклузивна ВИП-сала со луксузни кожени седишта за комфорт и приватност.
„Како лидер за иновации, ние сме посветени на нашите посетители да им го понудиме најдоброто киноискуство и сме многу горди што наскоро ќе биде достапно и на втора локација, која дополнително ќе го збогати културниот живот во Скопје“, изјави Лукас Лангхамер од групацијата „Синеплекс“.
Првото кино „Синеплекс“ во Скопје беше отворено во 2012 година, а новото кино се очекува да биде отворено во четвртиот квартал од оваа година.