Македонскиот филм „Хомо“ на режисерот и сценарист Игор Иванов Изи ќе се прикажува во Америка, откако продуцентската куќа „Скопје филм студио“ склучи договор со „Паблик медиа груп“ за дистрибуција на филмот за американскиот пазар. Со овој договор, американската компанија доби лиценца да го прикажува филмот на повеќе канали и медиуми.
„Хомо“ ќе биде достапен на сите американски канали со коишто соработува „Пеблик медиа груп“, преку директен сателитски пренос и преку интернет-протокол за ТВ (IPTV).
„Ова е голем успех за нас и претставува показател за континуираната и посветена работа за соодветен третман на македонски филмови не само на пазарите во Европа, туку и пошироко. По учествата на голем број реномирани филмски фестивали, ‘Хомо’ го продолжува својот филмски пат на светскиот пазар и е вистински амбасадор на македонската кинематографија“, велат од „Скопје филм студио“.
Изи е режисер на филмот. Тој го напиша и сценариото заедно со Сашо Кокаланов. Во главните улоги играат Александар Матовски – Цако, Наташа Петровиќ, Игор Ангелов, Јордан Симонов, Сашко Коцев и други.
„Хомо“ досега освои неколку награди на филмските фестивали во Европа, а неодамна беше прикажан на отворањето на филмскиот фестивал во Варна, Бугарија.
„Хомо“ на Игор Иванов – Изи го отвори филмскиот фестивал во Варна