Макрон му даде државјанство на мигрантот кој спаси дете во Париз

Мигрантот од Мали, Мамоду Гасама, кој во саботата спасил дете кое висело од четвртиот кат од една зграда во Париз, остварил средба со францускиот претседател Емануел Макрон, кој му соопштил дека ќе стане натурализиран државјанин на Франција.

Гасам се состанал со Макрон во Елисејската палата, каде што Макрон му го врачил медалот за храброст.

Претседателот во тој момент му рекол на Мамоду Гасама дека ќе стане државјанин на Франција, а му било понудено и работно место во противпожарната служба во Париз.

За помалку од една минута Мамоду Гасама се искачил до четвртиот кат и успеал да го спаси четиригодишното дете кое висело од балконот на зградата.

Пофалби стигнаа и од градоначалничката на Париз, Ан Идалго, која исто така остварила средба со него.

„Му честитам на Мамоду Гасама за храброста што ја покажа“, навела Идалго на „Твитер„.

Таа кажала дека Мамоду Гасама пристигнал пред неколку месеци од Мали надевајќи се дека во Франција ќе изгради нов живот.

„Му реков дека неговиот херојски потег е пример за сите граѓани и дека на Градот Париз ќе му биде драго да му помогне во напорите да се смести во Франција“, навела градоначалничката.

Мамоду Гасама им рекол на новинарите дека одел покрај зградата кога ја забележал собраната маса народ.

„Го направив тоа за детето. Фала на Бога што го спасив“, изјавил Мамоду Гасама.

Scroll to Top