Милошевиќ купил вила за 2.000 марки, а денеска таа е непроценлива

Веста за поднесеното барање за легализација на вилата од 682 квадрата, што ја добил сега починатиот поранешен претседател на Србија и основач на Социјалистичката партија на Србија, Слободан Милошевиќ, повторно е во центарот на политичките случувања.

За оваа куќа се бореле многу политичари во Србија, но и луѓето како Јоце Амстердам или Чазим Османи.

Има малку граѓани на Србија што може од прва да ја кажат својата домашна адреса, но кога ќе се каже „Толстој 33“, веднаш сите знаат дека тоа е некогашната резиденција на омилениот син на балканските народни и народности, Јосип Броз Тито, како и тоа дека таа за малку пари ја купил претседателот на Србија, Слободан Милошевиќ.

„Во крајот Ужиќе број 15 лежи телото на трикратниот херој“, се зборовите на песната што често е пеена во СФРЈ, а се однесувала на вилата во која седел Јосип Броз Тито. Другата прочуена адреса не е отпеана, но ’Толстој 33’ отсекоаш ја запалувала народната фантазија уште од периодот кога се доселил Слободан Милошевиќ на почетокот на 1990 година.

Оваа куќа паднала во заборав и на неа пораснал троскот откога семејството Милошевиќ во 2003 година се разбега во белиот свет, а повторно дојде во центарот на јавноста со информацијата дека Слободан Милошевиќ, поранешниот претседател на Србија, нелегално ги изградил 682 квадрата на улицата Толстој 22 во 2003 година. Потоа поднел барање за легализација, а таа е повторена во 2010 година, и тоа под негово име, иако Милошевиќ починал четири години претходно.

Оваа куќа често се појавува во медиумите, а во неа наводно е лишен од слобода и Сретен Јосиќ – Јоце Амстердам, а на неа фрлил око и Чазим Османи, кој јавно произнел желба да ја купи.

Веста дека Милошевиќ, кој бил човек од народот и кој живеел во скромниот стан на Црвениот крст, се сели на ова место, е образложена во јавноста дека ваквата преселба е неопходна поради заканите за животот што ги добивал претседателот на Србија и многуте атентатори што кружеле околу неговата куќа. Така Слободан и Мира стигнале до оваа куќа.

Неделникот „Време“ своевремено пишувал дека имотот на кој денеска се наоѓа вилата на Милошевиќ, пред Втората светска војна му припаѓала на Геца Кон, прочуениот издавач. Тој плац го купил за своите две сестри. Семејството Кон е застрелано во есента 1941 година, а по завршувањето на војната, имотот му е одземен и национализиран, како и издавачката империја на Кон, од која денеска настана „Просвета“.

„На почетокот на седумдесеттите години некогашниот висок функционер на Сојузот на комунистите на Југославија и поранешен претседател на Собранието на Социјалистичка Република Србија, Јован Веселинов, се преселил на ’Толстој 33’. За него тогаш била изградена вила од 180 квадрати. Плацот за новата вила ја обезбедил Градот Белград, а изградбата ја платила Војводина. Во таа вила Веселинов живеел сè до својата смрт во 1982 година, а потоа тука живеел син му. Кога е донесена одлука дека тоа ќе биде новиот дом на Милошевиќ, на синот Јован Веселинов му бил доделен дел од поранешната куќа на Радољуб Чолаковиќ, исто така на ’Толстој’“, пишува овој неделник.

Постојната вила семејството Милошевиќ ја преуредило, надѕидало и ја проширило на 326 квадрати. Оградата од попречените метални шипки бојосани во зелено, кое имале повеќе декоративна отколку безбедносна функција, ги замениле со тешки метални плочи, кои до ден-денешен стојат, сериозно нагризени со ’рѓата.

На 25 јули 1991 година Слободан Милошевиќ поднел барање до Општината во Белград за откупување на споменатата куќа. Вредноста на вилата е проценета на 7.381.502 динара, а рокот на отплата бил 38,5 години. Германската марка тогаш вредела 14 динари, но на почетната сума, со надоаѓање на инфлацијата, таа се свела на 2.000 марки, колку што Милошевиќ платил за откупот.

Додека траеле демонстрациите во деведесеттите и со војните, имотот на Милошевиќ се проширил. Дел од плацот на „Толстој 31“, Милошевиќ му го подарил на првиот сосед Богољуб Кариќ. И тоа земјиште и куќата на него станале сопствеништво на Милошевиќ, иако за тоа сопствеништво до ден-денешен се води спор.

По бомбардирањето во 1999 година, семејството се преселило во вилата „Мир“. Официјално е соопштено дека до преселбата дошло затоа што гелерите во текот на бомбардирањето ја оштетиле куќата. Инаку, сите градежни работи што се изведувале на куќата, уште од првото вселување на Милошевиќ, ги следеле приказни за недостиг на потребните одобрувања од надлежните градски служби.

По падот на Милошевиќ, долго се нагаѓало на која адреса живеат тој и неговото семејство. Се утврдило дека биле во вилата „Мир“, каде што Милошевиќ бил уапсен на 1 април 2001 година и однесен во централниот затвор, од каде што подоцна и испорачан на Хашкиот трубунал. По неговото апсење, Мира Марковиќ се вратила на „Толстој 33“, од каде што ја напуштила земјата во февруари 2003 година.

Шпекулациите за продажбата на куќата на руски бизнисмен за пет милиони долари за Марко и Мира станбено да бидат згрижени во Москва, никогаш не биле потврдени, како ни тоа дека куќата ја купил Сретен Јосиќ за три милиони евра.

Во книгата „Вчера или утре“ на Мира Марковиќ, сеќавајќи се на почетокот на 1990 година, таа напишала:
„Беше тоа топла зима, цел јануари и цел февруари. Се сеќавам дека во последните јануарски вечери се преселивме од нашиот прекрасен и бескрајно ведар стан на улица 14 декември на улицата Толстој, во куќата во која имаше многу темни дрва. (следните шест години, планирав еден ден, додека сопругот е на работа, па не може да ме види и да ми се налути, сите тие темни греди на ѕидовите и на плафонот набрзина да ги бојадисам во бело). Во февруари ја преуредивме куќата во која од тогаш почнавме да живееме“.

Во интервјуто за „Политика интернешнл“, што го пренесе неделникот „Време“ во јануари 1992 година, Мирјана Марковиќ на прашањето на новинарката дали нејзината желба била семејството да живее на ова место, таа одговорила:

„Кога би можела да избирам, би живеела на „Кнез Михајлова“. Сакам атмосфера од центарот на градот, плоштадот, главната улица. Сакам да сум во близина на својот факултет, во близина на малите кафеани во центарот на градот во кој со години минував многу време со своите другари и колеги од Универзитетот, во близина на продавниците и излозите, во срцето на градскиот метеж, кој се намалува во доцните ноќи и почнува веќе рано изутрина“.

Во описите на градината на „Толстој“, во која процветала јапоската дуња, „птиците се имаат вратено од југ и цвета овошје под прозорецот на собата на Марко“, тоа е еден пејзаж посветен на врбите. „Ги гледам врбите овие неколку години, особено онаа во нашата градина, и барам објаснување. Врбите, оние жалните, особено ги сметам за нежни, чувствителни дрвја. Тие изгледаат тажно, речиси ранливо. Поради таа нивна ранливост, секогаш сум на нивна страна. Кога се преселивме, првото дрво што го засадивме беше врба“.

Ретки се деталите што говорат за внатрешноста на куќата.

Таа споменува опуштање пред една синкава слика во дневната соба, која секој пат ја гледала како да ја гледа првпат. Останала забележана и масата во драп-боја, од печен лак, со италијански дизајн од 1985 година, која од страна на Црвениот крст била пренесена во вилата.

„Се обидов многупати да работам на таа маса. Се свртев кон прозорецот кон ѕидот, кон вратите, ги оставав своите забелешки и книги. На масата се најубавите слики од моите деца, над неа е францускиот плакар што го сакам повеќе од секоја уметничка слика, тука е и нежната ламба од стакло. Мојот работен стол, убав, романтичен, уреден и неупотреблив за работа“, напишала Мирјана Марковиќ во својата книга.

 

 

 

Scroll to Top