Приказната за момчето кое живеело само со кучиња на улиците на Москва, а која била препеана од страна на бендот 9Bach, доби среќен крај. Станува збор за момчето Иван Мишков, кој на четиригодишна возраст побегнал од своето сиромашно семејство во Москва.
Тој живеел со неговата болна мајка и татко алкохоличар, кој постојано го тепал. Никогаш повеќе не се вратил назад. Живеел на улица уплашен и сам, а потоа секаде околу себе почнал да забележува очи што го набљудувале од далечина. Тоа биле очи на чопор кучиња скитници.
Иван сфатил дека кучињата почнале да му веруваат затоа што тој ги хранел со остатоци од храна што ги наоѓал во контејнерите. Животните почнале да се однесуваат заштитнички кон него, па дури одвреме-навреме го грееле во текот на студените ноќи. Иван станал дел од чопорот кучиња. Тој ја преземал улогата на водач.
Поради ниските температури во текот на ноќите, кои паѓале и до 10 степени под нулата, кучињата го грееле Иван со своите тела за да преживее. Тие го штителе од сите што се обидувале да му ја украдат храната.
По две години минати на улица, Иван станал проблем за градските власти, кои се обиделе да го фатат. Сепак, секој обид завршувал неупешно благодарение на кучињата. Во четвртиот обид полицијата успеала да ги намами кучињата со месо од еден ресторан и на тој начин да го улови момчето. Иван давал отпор како куче.
Неговата биолошка мајка починала три месеци пред да биде пронајден, па некое време минал во домот за деца без родители „Реутов“ во Москва. Иван бил посвоен од добро семејство кое му пружило многу љубов. Денес тој е успешен млад човек. Гостува во телевизиски емисии каде што говори за своето детство.
Иван вели дека кучињата секогаш ќе ги сака повеќе од луѓето.