Рускиот претседател, Владимир Путин, во март во својот говор објасни дека неговата земја ни одблиску не е толку слаба како што мисли западниот свет.
Путин потенцираше дека неговата војска поседува оружје кое воопшто не е за потценување како што мислат западните партнери.
„Оружјето кое претседателот на Русија, Владимир Путин, во март го претстави докажува дека од сега нашите западни колеги ќе мора сериозно да го разгледаат секое мислење на Москва во врска со која било политичка, економска или друга тема“, објасни потпретседателот на руската Влада, Јуриј Борисов.
„Со говорот Путин му покажа на целиот свет дека мислењето на Русија мора да се уважува“, изјавил Борисов.
Борисов изјави дека светот ја потценил моќта на Русија мислејќи дека руската воена индустрија и индустријата во целина била застарена.
„Светот вели дека во Русија сè зарѓало, дека оружјето е старо, дека ракетите не ни летаат. Но, покажавме дека не е така“, дополнил Борисов.
Во своето обраќање до Сојузниот парламент на 1 март, претседателот на Русија, Владимир Путин, зборувал за најновото воено оружје. Тој тогаш ја известил јавноста за развојот на хиперсоничното оружје, системот „Авангард“, кој може да лета во густите слоеви на атмосферата на интерконтинентална одалеченост при брзина поголема од 20 маха.
Освен тоа, рускиот лидер говорел за ракетниот систем „Сармат“ и воздухопловниот ракетен систем „Кинџал“. Путин исто така ја спомена и крстаречката ракета на нуклеарен погон, атомската беспилотна подморница и системот за ласерско оружје.