Според најновата студија на Институтот за мерење и проценка на здравјето во светот, Шпанија до 2040 година ќе ја престигне Јапонија и ќе го заземе првото место во светот на табелата кога станува збор за очекуваниот животен век.
Луѓето во Шпанија живеат во просек 85,8 години, додека во Јапонија оваа бројка изнесува 85,7. Причината зошто Шпанците наксоро ќе станат најдолговечен народ на светот е медитеранската исхрана, негувањето на семејните врски и бесплатниот систем на здравствена заштита, кој, според податоците на Светската здравствена организација, е седмиот најдобар во светот.
Новинарите на „Гардијан“ додека правеле анкета во Мадрид запреле жена која изгледала како да е во доцните педесетти, но откриле дека всушност има 75 години. На прашањето која е тајната на нејзиниот изглед, таа открила дека маслиновото масло, овошјето, рибата и не преголемата консумација на месо, како и малку пиво и вино се лекот за долгиот и здрав живот. Таа вели дека треба да уживате во животот, пријателите и пред сè во семејството.
Антонио Абелан од групата што го истражува стареењето изјавил дека резултатите од истражувањето се во согласност со трендот и дека животниот век во Шпанија се приближува до земјите како Јапонија.
„Сигурно медитеранската исхрана игра голема улога во тоа, но клучни се и општествените и семејните односи. Како и другите медитерански земји, Шпанија навистина го вреднува семејното богатство: семејните врски, блискоста со семејството. Тоа не е единствената најважна работа, но мислам дека на некој начин може да ја објасни разликата меѓу Шпанија и другите земји. Тоа е бонус. Ако живеете подобро, на крајот ќе живеете подолго“, истакнал Абелан.
На листата на најдолговечни нации покрај Шпанија и Јапонија е и Сингапур. Потоа следат Португалија и Италија, Израел, Франција, Луксембург и Австралија.