Направете сами уникатна маска за телефон

Мобилниот телефон освен што е секојдневие, извор на информации, аларм, дигитрон, фотоапарат, видеокамера, потсетник и планер, стана и моден асесоар. Многумина, особено помладите сакаат да го разубават и стилизираат со маска што ќе биде уникатна и поразлична од сите останати. „Репортер“ има неколку предлози како самите да направите необична и интересна маска за мобилниот.

1. Едноставни пруги
Ова е многу едноставна метода, која дава феноменални резултати. За почеток, потребна ви е обична бела или проѕирна маска и неколку ролни самолепливи ленти во боја. Бојата одберете ја по свој избор. Измерете ја лентата и залепете ја на маската. Вашата креација е готова!


2. Конфети
За маската украсена со „конфети“, ви е потребна најобична проѕирна маска и неколку лакови за нокти, во различни бои. При дното на маската од внатрешна страна со четкичка нанесувајте капки од избраните лакови. Почекајте бојата да се исуши, па додајте уште еден слој безбоен лак за да го заштитите своето ремек-дело.


3. 3D стикери
Од ова нема ништо поедноставно: пронајдете тродимензионални стикери кои ви се допаѓаат и залепете ги на својата маска.


4. Пресувано цвеќе
Омиленото цвеќе можете секојдневно да го држте во раце. Пресувајте го цветот така што ќе го сместите помеѓу два листа хартија и потоа ќе го оставите под тежок предмет. Како товар можете да искористите некоја поголема книга или кутија. Пресуваното цвеќе ставете го од внатрешната страна на проѕирната маска и залепете го со лепак или со слој безбоен лак за нокти.


5. Разигран принт
За оваа маска нема да ви биде потребно многу прибор, но мора да имате мирна рака и малку ликовен талент. Одберете неколку трајни маркери, односно маркери со тенок врв и внимателно исцртајте дизајн по свој избор. Доколку сакате праволиниски шари, тогаш искористете парче лента како „линијар“. Почекајте бојата да се исуши, па своето дело заштитете го со слој безбоен лак за нокти, или со специјален лак за заштита на бојата.


6. Пингвин
Овој дизајн е симпатичен и лесно се прави. Потребна ви е само маска во црна боја. Доколку немате црна, ќе ви послужи било која друга маска, која можете да ја префарбата со акрилна црна боја. Кога подлогата ќе се исуши, со бела боја исцртајте го својот пингвин, како на сликата. Со црна и жолта боја доцртајте ги деталите.


7. Украсна хартија
Уште еден многу едноставен начин да го украсите својот телефон. Потребно ви е само парче украсна хартија. Посакуваниот дезен исечете го според димензиите на проѕирната маска и со обичен лепак фикспирајте го од внатрешната страна. Обрнете внимание хартијата да не се измрда и изгужва додека ја лепите и не заборавајте да сечете отвор за камерата. Вашата крација е спремна!


8. Перо од паун
Последниве години е популарен трендот на живописни перја во раскошни цветни букети. Најдете пердув од паун или фазан. Пердувот можете да го наместите од внатрешната страна на маската. Можете да го зацврстите со помош на неколку капки лепак. Крајниот резултат е софистициран, а сепак интересен и полн со боја.


9. Копчиња
Уште една едноставна метода. Доколку имате кутија со копчиња, изберете ги најубавите примероци и украсете ја маската. Копчињата фиксирајте ги со лепак. Играјте со боите, текстурите и различните големини.


10. Циркони или бисери
Слично како и со претходниот случај, изберете циркони или бисери што ви се доапаѓаат најмногу и залепете ги на маската. Имајќи предвид дека се работи за ситни парчиња, морате да вложите малку повеќе труд и трпение, но крајниот резултат е и тоа како вреден за дополнителиот напор. Лепакот нанесете го постепено и со пицета редете ги бисерите. Смислете сопствена шема и дизајнирајте го својот уникатен „аутфтит“ за својот мобилен телефон.

 

Scroll to Top