НАСА гради мини хотел за астронаутите на патот до Марс

Американската вселенска агенција НАСА, планира во иднина да лансира мини хотел во вселената, каде ќе треба да престојуваат астронаутите, пред да продолжат со своите мисии на Марс.

Станува збор за мини станица во вселената, во која е планирано да се вдомат членовите на екипажот пред да тргнат во извршување на мисиите на Марс.

Индустриската компанија Lockheed Martin веќе има направено прототип од вселенскиот мини хотел. Неговиот централен елемент е цилиндричен модел со димензии 6,7 метри и 5,02 метри, пренесува CNBC.

Овој вселенски мотел е поголем од руската капсула „Сојуз“, но помал од Меѓународната вселенска станица, која е конструирана од шеснаесет помали модули кои покриваат поголем дел од просечен фудбалски стадион.

Со оглед на големината на цилиндрот, животот во вселената ќе биде прилично тесен за четворицата астронаути, кои таму веројано ќе живеат 60 дена. Потоа ќе тргнат на пат во истражување на вселената.

„Станува збор за еден вид на камп приколка. Внатре ќе го имате целото потребно време да ги преместите работите за да се прилагодите на животниот простор“, вели Бил Прат, менаџерот на Lockheed Martin.

„Масата и креветот ќе се собираат, а останатите работи ќе се разместуваат во посебни оддели“, вели Бил.

Цилиндричниот вселенски мотел покрај просториите за спиење, ќе има и купатило, опрема за вежбање, простор за научни експерименти и кујна. Моделот е смислен како дел од предложената вселенска станица на НАСА, под името Deep Space Gateway.

Минијатурните вселенски станици е планирано во иднина да кружат околу Месечината, а би служеле како привремени живеалишта на патот за истражување на вселената.

Scroll to Top