„Не e време за умирање“ ги урна рекордите на заработка во кината во Британија

Последниот филм за тајниот агент Џејмс Бонд, „Не е време за умирање“, оствари најголема заработка во кината во Британија во првиот викенд на прикажување, споредено со сите останати Бонд-филмови. Филмот, во кој главната улога ја игра Даниел Крег, заработи 21 милион фунти минатиот викенд. Претходно „Скајфол“ имаше 20,2 милиони фунти, а „Спектре“ 19,8 милиони фунти.

„Не е време за умирање“ имаше светска премиера во Англија, а потоа почна да се прикажува во уште 53 земји во светот. Во првиот викенд овој филм заработи 88 милиони фунти. Тој стана и филм со најдобро отворање во светот оваа сезона.

Даниел Крег, кој го глумеше ликот на тајниот агент петти пат, на премиерата во Лондон изјави дека е пресреќен што публиката ќе може конечно да го види филмот каде последен пат го глуми Бонд.

„Во еден момент почнав да верувам дека филмот никогаш нема да доживее премиера, промоцијата беше одложувана речиси една и пол година поради пандемијата“, рече тој.

Британските медиуми дадоа одлични критики за филмот. „Не е време за умирање“ следниот викенд ќе има премиера во Америка, а се очекува наскоро да почне да се прикажува и во Кина, која е вториот најголем пазар во светот.

.

Scroll to Top