Босанските медиуми пренесуваат дека свадба преминала во вистински кошмар откако невестата поради недоразбирањето со родителите на младоженецот ги тужи за трошоците околу веселбата.
Медиумите пренесуваат дека забавата била прекината откако младоженците Един Хусељиќ и неговата избраничка Елда Мујчиќ почнале да се расправаат околу парите што се собирале од гостите.
Невестата истата вечер се вратила во својата куќа, додека младоженецот останал понижен пред сите гости. Некои од гостите од страната на младоженецот велат дека Елда се обидела да побегне со парите, но во последен момент успеале да ја спречат.
Елда ги негира ваквите обвинувања. Таа посочила дека Един се обидел да ја искористи неа и нивното неродено дете за да стигне до нејзините пари. Таа за „Црна-хроника.инфо“ ја раскажала својата верзија на приказната.
„Мене ми е смешна целата оваа приказна. Не е за жалење, а не е ни за плачење. Само за смеење. Ако ве интересира вистината, јас демант веќе дадов, а ова е мојата верзија на приказната. Мене воопшто не ме контактираа ниту прашаа за вистината. Јас не сум собрала никави пари, ниту сум се обидела да ги украдам. Јас ги немам ниту видено парите. Како што знаете, по кумот оди една девојка со подавалник. Тука се ставаат парите, а јас го делам кафето. По поделбата парите се собираат. Тука беа младоженецот, кумот и јас. Во собата стигна и таткото на младоженецот, кој ги зеде парите. Јас се налутив затоа што целата свадба ни ја испланира тој и неговата жена. Не ми дозволија да си ја испланирам мојата свадба. Се мешаа во сè. Јас станав, излегов и ја треснав вратата. Потоа се вратив во ресторанот и седнав, што значи дека не сум ги украла парите. Во спротивно не би се вратила на свадбата“, изјавила Елда за „Црна Хроника.инфо“.
„Седев внатре кога таткото на младоженецот пијан ми рече дека не сум вредна за тие пари. Се разбира излегов од ресторанот, седев еден час надвор, за тоа можат да сведошат и гостите од страна на младоженецот. Значи целата приказна е измислена за да се оградат од срамот што немаа доволно пари за да ги подмират трошоците околу свадбата, па сега истите тие паднаа на мојот грб“, вели невестата.
Таа вели дека поради нејзината бремена состојба, завршила во итната помош, а младоженецот се вратил и продолжил да пие, со изговор дека не можел ништо да направи.
„Јас подигнав кредит, за што имам и доказ. Го средив катот каде што требаше да живееме. Јас го направив тоа сама, без него. Сега работите одат преку суд. Да бев јас виновна, не би тужила“, изјавила Елда.