Џина Хаспел, која е именувана за директорка на американската Централна известувачка агенција (ЦИА), стана првата жена на чело на оваа известувачка служба.
Таа денеска ќе положи заклетва стапувајќи на новата должност, во присуство на претседателот на САД, Доналд Трамп.
Церемонијата ќе биде извршена во седиштето на ЦИА во Ленгли, Вирџинија, пренесува АП.
Џина Хаспел (61) е долгогодишен известувач. Минатата недела добила потврда од Сенатот за нејзино поставување на чело на ЦИА. Претходно многумина изразиле загриженост поради нејзината улога во примената на бруталните техники на испитувања на таа агенција, по нападите на САД на 11 септември 2001 година.
Хаспел, која зад себе има 33 години поминати во ЦИА, ја ужива поддршката на многумина во таа агенција, како и на високи известувачки официјални лица, меѓу кои и поранешниот директор на ЦИА и други служби за национално известување, напоменува американската агенција.
Противниците на именувањето на Хаспел за директорка на ЦИА тврдат дека било грешка на тоа место да се постави некој кој го надгледувал тајниот затвор на Тајланд, каде осомничените за тероризам биле испитувани со користење брутални методи вклучувајќи ја и техниката на симулирано давење.
Трамп ја номинирал Хаспел за директорка на главната известувачка агенција на САД откако претходниот директор, Мајк Помпео, беше именуван за државен секретар на местото на Рекс Тилерсон.