Новиот Спајдермен, „Нема пат до дома“, е првиот филм од почетокот на пандемијата што заработил повеќе од една милијарда долари во светот. Со тоа овој филм стана најуспешен во 2021 година. „Спајдермен“ го победи кинескиот блокбастер „Битката за езерото Чангџин“, кој заработи повеќе од 905 милиони долари.
Третиот филм за суперхеројот на „Марвел“, во кој Том Холанд ја игра главната улога, овој викенд стигна до заработката од 1,05 милијарда долари. Тој сè уште не почнал да се прикажува во Кина, која е најголемиот филмски пазар на светот.
Последниот филм што ја надминал границата од една милијарда долари беше „Војна на ѕвездите: Подемот на Скајвокер“ од 2019 година и оттогаш ниеден филм не дојде ни блиску до оваа цифра поради пандемијата и затворените киносали.
Пред „Нема пат до дома“, најуспешниот холивудски филм во времето на пандемијата, беше последниот филм за Бонд, „Не е време за умирање“, кој оствари приход од 774 милиони долари.