Значителна промена на времето со заладување и силен ветер од утре најави Управата за хидрометеоролошки работи.
– Утре во првата половина од денот ќе се задржи топло време со умерен југозападен и западен ветер. Попладне, а особено кој крајот на денот поради продор на студена воздушна маса од север ќе има извесно зголемување на облачноста со услови за краткотраен дожд на северот и западот од земјава. Уште попладнето, почнувајќи од север, ќе започне да дува силен северозападен ветер со брзина од околу 90 километри на час, а тоа ќе услови нагло заладување во текот на ноќта и во наредните денови, соопшти УХМР.
Оттаму најавуваат дека од вторник времето ќе биде претежно сончево, но ветровито со силен северен ветер, како и значително постудено. Дневната температура во поголем дел од земјава ќе се намали за околу 10, а на места и за 15 степени. Од среда наутро, пак, осетно опаѓање ќе има и кај утринската температура, која на места ќе се спушти и околу нулата.