Полицијат аво Колорадо го уапсила Дејвид Вејн Оливер (65) поради грабеж на банка. Дејвид, откако ја ограбил банката украдените пари ги фрлил во воздух, викајќи им на случаните минувачи „Среќен Божиќ“, пишуваат светските медиуми.
Тој бил уапсен во кафуле на „Старбакс“, откако претходно ја ограбил банката „Академи“. Тој им се заканил на вработените во банката со оружје, а од истата си заминал со непозната сума на пари.
Засега надлежните немаат одговор за случајот, зошто Дејвид го направил ова дело, а од локалната ТВ-станица ККТВ објавија изјава на очевидец по име Дион Паскал, кој раскажал дека Оливер почнал да фрла пари на сите страни.
„Тој фрлаше пари од торбата и почна на цел глас да вика ‘Среќен Божиќ’“, изјавил Паскал.
Сведокот додал дека некои минувачи зеле дел од парите и ги вратиле во банката, додека Оливер влегол во „Старбакс“, седнал и чекал полицијата да го уапси.
Весникот „Денвер пост“ цитираше изјава од полицијата според која од банката биле земени илјадници долари, додавајќи дека нема индиции оти Оливер користел оружје при грабежот.
Полициските фотографии прикажуваат дека Оливер има сиво-бела коса и целосно бела брада и дека изгледал како Дедо Мраз.
Тој во моментов е задржан во окружниот затвор Ел Пасо каде го чека своето прво појавување пред судија, закажано за во четврток. Сè уште не е познато дали има ангажирано адвокат.