Окленд е избран за најдобра туристичка локација, иако со месеци е затворен за посетители

Новозеландски град се најде на врвот на листата на „Lonely Planet“ на „најдобри туристички градови за посета“ и покрај тоа што е затворен поради пандемијата со коронавиирус и не е достапен за остатокот од земјата и светот, објавија странските медиуми.

Листата на градови се однесува на 2022 година, а „Lonely Planet“ е оптимистички настроен дека веќе следната година Окленд ќе биде повторно отворен за туристи.

Засега, во градот сите посетители мораат да имаат посебна дозвола за влез во градот, дури и ако се жители на остатокот од Нов Зеланд. Во градот постои карантин на трето ниво, односно повеќето продавници, кафулиња и ресторани се затворени и има забрана за собирање во затворени простории.

Што се однесува до целата држава, само државјаните на Нов Зеланд и оние со дозвола за постојан престој или лица кои имаат визи за основните работници смеат да влезат во земјата.

Градоначалникот на Окленд, Фил Гоф, соопшти дека тоа што неговиот град е на врвот на листата ќе биде голем поттик за туризмот и угостителскиот сектор во Окленд, откако градот ќе се врати во нормала и границите повторно ќе се отворат. Иако засега не се знае кога властите ќе почнат со олабавување на мерките.

Веста дека Окленд е на врвот на листата на најдобри туристички локации, ги насмеа Новозеланѓаните, со оглед на фактот дека секој што би се обидел да го посети овој град може да биде казнет, ​​па дури и да биде ставен во притвор.

„Ова е еден вид осамена планета (Lonely Planet), карантин на трето ниво“, напиша еден од жителите на Окленд на социјалните мрежи.

„Тоа веројатно значи дека остатокот од светот е во уште полоша ситуација“, се пошегува некој друг.

 

Scroll to Top