Во Нов Зеланд се откриени фосилни остатоци од џиновски лилјак, кој на тие простори живеел пред повеќе од милион години, а кој е трипати поголем од својот денешен потомок, и освен што летал, можел и да се движи по земја на четири нозе и да копа во потрага по храна, билки и ситни ‘рбетници.
Остатоците кои ги открил меѓународен тим научници припаѓаат на семејството лилјаци кои некогаш живееле во јужните делови на Австралија, Нов Зеланд, Јужна Америка, а можеби и Антарктикот, изјави Сју Ханд од Универзитетот Нов Јужен Велс, авторка на студијата објавена во списанието „Научни извештаи“, пренесуваат француските медиуми.
Забите и коските на ова животно се откриени во близина на Сент Батана, во средиштето на јужниот остров Нов Зеланд, на локацијата на која истражувачите работат веќе 16 години.
„Неговите специфични заби и големина на неговото тело покажуваат дека имала поинаков режим на исхрана отколку денешните лилјаци, односно дека можел да јаде билки, но и ситни ‘рбетници, што веќе потсетува на начинот на исхрана на некои од неговите јужноамерикански роднини. Тие повеќе не можат да се видат на просторите на Австралија и Азија“, вели Ханд, пренесува „Фигаро“.
„Ова необично животно спаѓа во најчудните фосили кои некогаш се пронајдени“, изјави Алан Тенисон, членот од новозеландскиот тим, кој бил составен од австралиски, британски и американски научници.
Како што тој објасни, овој нов вид лилјак е сроден со лилјак со краток опаш од Нов Зелан, потоа со американскиот „вампир“ и еден од австралиските видови, што говори дека лилјаците кои некогаш живееле на копно биле распространети.
На истата локација во Нов Зеланд пронајдени се и други видови животни какви што денешниот свет не ги познава, како што се птици кои не летаат, жаби папагали, гулаби, крокодили, желки.