Научниците тврдат дека го откриле најстариот познат цртеж, стар 73.000 години. Цртежот е направен на мал фрагмент од карпа во Јужноафриканската Република, во пештерата Бломбос, пренесува „Би-би-си“. На цртежот се гледаат вкрстени и попречни линии нацртани со помош на црвен пигмент. Овој древен цртеж многумина ги потсетува на популарниот знак за хаштаг (#).
„Цртежот е првокласен показател за модерното поимање на стварноста од страна на нашиот вид“, велат научниците во натпис објавен во престижниот магазин „Натура“.
Иако други научници имаат најдено и постари траги оставени во боја на други места во светот, истражувањата покажаа дека ова е првиот апстрактен цртеж.
„Оригиналниот цртеж е најверојатно покомплексен. Наглото прекинување на сите линии на работ од фрагментот укажува дека примерокот првично се протегал на поголема површина“, вели водечкиот истражувач, археологот Кристофер Хеншилвуд, за „Ројтерс“.