Никола Ветаџока е матурант во скопската меѓународна гимназија „Нова“ кој одлучи своето факултетско образование да го продолжи во Милано, Италија, на престижниот универзитет Luigi Bocconi, на студиската програма Интернационална економија и менаџмент. Во интервјуто со Никола, зборуваме за тоа како е да се биде матурант во овие посебни услови на пандемија кога треба да се носат некои животни одлуки и како течеше процедурата на аплицирање за упис на факултет.
Матурираше годинава во гимназијата „Нова“ во Скопје. Со какви впечатоци го завршуваш средното образование?
Во „Нова“ поминав четири години и можам да кажам дека сум задоволен од тоа што ми го понуди тој систем. Имав опција да ги бирам предметите кои ќе ги учам, како и нивото (стандардно или напредно), за поголем дел од предметите. Оваа слобода во изборот ја поттикнува креативноста на ученикот овозможувајќи му да се фокусира кон областите кои повеќе му лежат. Од друга страна, отворена е можноста и за оние кои сè уште се бараат себеси, односно кога се двоумат за што да се определат. Академските советници од училиштето ни беа на располагање секогаш кога требаше да разрешиме некои дилеми. Во текот на средното образование јас главно бев насочен кон математиката, статистиката, а учев и макро- и микроекономија, бизнис и менаџмент, предмети за кои сам се определив затоа што ме интересираа. Овие предмети ги полагав и во рамките на AP програмата.
Како течеше процедурата за аплицирање на факултет, како го направи изборот што ќе студираш?
Спремањето на апликацијата за факултет е еден долг и комплексен процес кој започнува доста време пред матурирањето. Многу е полесно кога веќе сте определен и имате претстава на кој универзитет сакате да аплицирате, па согласно тоа го организирате своето тековно образование, а потоа ја спремате и апликацијата. Моите поинтензивни подготовки за аплицирање на факултет започнаа на почетокот од четврта година. Поминував долги часови на интернет собирајќи разни информации за рангирањата на факултетите, програмите кои ги нудат, можностите за сместување и сè она што ми беше потребно за да донесам одлука. Истовремено, пишував мотивациски писма кои скоро секој факултет ги бара, а моите наставници и советници ми подготвија препораки кои се, исто така, дел од документацијата.
На кои факултети аплицираше?
Некако сама од себе ми се наметна одлуката да аплицирам исклучиво на европски универзитети, како да го имав тоа расчистено уште на почетокот. Иако во текот на гимназиското образование учев по меѓународната програма AP (Advanced Placement) која се смета како покарактеристична за САД и полагав стандардизиран тест познат како SAT, тоа не беше пречка за упис на европските факултети. Напротив, бев примен на Универзитетот во Манчестер, King’s колеџот во Лондон, University College London (UCL) и универзитетот Bocconi во Милано, Италија.
Што беше пресудно да се одлучиш да студираш на Bocconi?
Bocconi беше мој прв избор уште кога ги поднесував апликациите за упис на факултет. Едноставно, ме привлече високиот рејтинг кој го има универзитетот, особено во Европа, а веројатно пресудно беше тоа што овој универзитет нуди исклучително квалитетна програма од областа која ме интересира – економијата. Од друга страна, Италија ми се допаѓа како земја, луѓето, менталитетот, климата, храната, па сметав дека лесно ќе се адаптирам на таа средина, што е секако доста важно кога треба да поминеш три години таму на студии. Милано, освен што е центар на модата, тој е центар и на сите бизнис активности во Италија. Пред дефинитивната одлука, со моите родители отидовме во Милано на специјално организиран инфо-ден, го посетивме кампусот на универзитетот, а имаше и посебно предавање на кое добивме многу корисни информации. Оваа посета многу ми помогна да стекнам претстава за севкупната организираност на универзитетот. Во однос на репутацијата, Bocconi е универзитет со тројна акредитација и повеќе од 100 години историјат. На Bocconi се нудат дипломски и постдипломски студии од областа на економијата, менаџментот, финансиите, правото, политичките науки и јавна администрација, но универзитетот е најпознат по студиските програми од областа на менаџмент и економија. Според QS ранг листата за 2020 година, Bocconi универзитетот се наоѓа на седмо место во светот во областа – Бизнис и менаџмент. Како куриозитет, Марио Монти, бившиот премиер на Италија е Bocconi алумни.
Дали е предизвик да се студира со студенти од целиот свет, далеку од дома?
Да, секако дека е предизвик да се студира во една интернационална средина, средина која е особено компетитивна и која според мене може да има само позитивно влијание. Очекувам дека тоа ќе биде едно интересно искуство за мене, без никакви стереотипи, што ќе придонесе да запознам студенти од различни култури и земји од светот. Мислам дека студирањето во ваква средина е додадена вредност кон академските придобивки, бидејќи ми се пружа можност да разменувам мислења и погледи со луѓе кои растеле, се развивале и учеле во општества различни од нашето овде, во Македонија.
Она што е интересно е дека веќе направивме WhatsАpp група во која, иако академската година се уште не е почната, веќе почнавме да разменуваме информации и, на некој начин, да се запознаваме и дружиме.
Како ќе биде организирана наставата на универзитетот наредната академска година, особено што знаеме дека северниот дел од Италија, особено Милано беше тешко погоден од пандемискиот корона вирус?
Засега, универзитетот се подготвува за почеток на вообичаена академска година, објавени беа и реализирани конкурсите за сместување во кампусот, но се уште нема дефинитивна одлука на кој начин ќе се одвива наставата. Тоа, претпоставувам, ќе зависи од ситуацијата со коронавирусот во Италија наредните месеци. Во секој случај, универзитетот Bocconi не уверува дека квалитетот на наставата ќе биде на стандардно високо ниво , без разлика дали ќе се одвива класично или он-лајн, иако јас повеќе би сакал да сум таму, на лице-место.
Кои се твоите планови за иден професионален и едукативен развој и кариера?
Во овој момент најважно ми е новата академска година да започне како што треба, без проблеми, да успеам да се вклопам во новата средина и тоа со нетрпение го очекувам. За понатаму, би сакал да го дооформам моето образование запишувајќи мастер студии со што дополнително ќе се специјализирам во некоја област како финансии, берза, итн.