Бројот на мртви од коронавирус во вторникот ја надмина бројката од еден милион и ја проби психолошката граница во пандемијата, која ја девастираше глобалната економија, ги преоптерети здравствените системи и го промени начинот на живот, пренесува агенцијата „Ројтерс“.
Од коронавирус досега во светот се заразени повеќе од 33,26 милиони луѓе, а Ковид 19 глоблано однесе повеќе од милион животи, покажуваат најновите податоци на „Ројтерс“.
Од првите случаи на зараза забележани во Кина, во декември 2019 година, во повеќе од 210 земји и територии во светот, забележана е појавата на вирусот.
Бројот на починати од последиците на коронавирус, оваа година е двојно поголем од бројот на луѓе кои годишно умираат од маларија.
Според калкулациите на „Ројтерс“, кои се направени на темел на септемврискиот просек, за 24 часа, во светот од Ковид 19 умираат повеќе од 5400 луѓе. Тоа е околу 225 луѓе на еден час, или една личност умира на секои 16 секунди.
Во времето кое е потребно за да се погледне еден фудбалски натпревар, во просек од коронавирус умираат 240 луѓе.
Податоците од Универзитетот Џон Хопкинс, покажуваат дека смртните случаи во САД, Бразил и Индија, го прават речиси половина од вкупниот број.
Експертите предупредуваат дека реалната цифра веројатно е многу поголема. Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш, го нарече ова „мачна пресвртница“.
„Сепак, никогаш не смееме да ја изгубиме од вид секој поединечен живот. Било да е тоа татко, мајка, сопруга и сопруг, брат и сестра, пријател и колега. Болката е умножена со дивеењето на оваа болест“, изјавил Гутереш преку видео порака.