Пандемијата силно влијае врз менталното здравје кај децата

Година дена од почетокот на пандемијата со ковид 19, децата ширум светот се соочуваат со деструктивна таканаречена нова нормалност, а според клучни параметри, во нивниот развој забележано е драстично назадување.

Во изминатите година дена дошло до скок на бројот на гладни, изолирани, злоставувани и анксиозни деца, предупредуваат од УНИЦЕФ.

Како што велат од организацијата, образованието е прекинато за стотина милиони деца, додека нивниот пристап до услугите за заштита и здравствените услуги, вклучително и рутинското вакцинирање, се сериозно загрозени.

УНИЦЕФ исто така укажува дека пандемијата влијае на менталното здравје на најмладите и со тоа што нивните семејства полека осиромашуваат. Бројот на гладни, изолирани, злоставувани, анксиозни деца, кои живеат во сиромаштија и кои се присилуваат на брак се зголемува.

Истовремено намален им е прстапот на образование, социјализација и главни услуги, вклучително и на оние кои се однесуваат на исхраната, негата и заштитата.

Имаме непогрешливи знаци дека децата со години ќе носат лузни од пандемијата. Се очекува стапката на сиромаштија меѓу децата во земјите во развој да порасне за околу 15%. Се прогнозира дека во овие земји, бројот на деца кои живеат во сиромашни домаќинства ќе порасне за 140 милиони.

На глобално ниво, школите речиси година дена се затворени за повеќе од 168 милиони деца. Секое трето дете, на школска возраст, нема пристап до учење на далечина, затоа што школите се затворени.

Секое седмо дете или адолесцент, речиси година дена живее во домашен карантин, што е една од мерките за спречување на ширењето на пандемијата, што ги прави депресивни, анксиозни и изолирани.

Според подацоите на УНИЦЕФ, повеќе од 94 милиони луѓе се во опасност, да не се вакцинираат поради паузирањата на кампањата против малите сипаници во 26 земји.

Scroll to Top