Писмо на Ајнштајн, во кое вели дека Бог е израз на човековата слабост, продадено за 2,9 милиони долари

Писмото на Алберт Ајнштајн кое го напишал во 1954 година и во кое тврди дека Господ е производ на човечката слабост е продадено на аукција за 2,9 милиони долари, изјави портпаролката на аукциската куќа „Кристис“.

Во писмото кое било адресирано до германскиот филозоф со еврејско потекло Ерик Гуткинд, Ајштајн за Библијата пишува дека е „колекција на благородни, но сепак примитивни легенди“.

„Зборот Господ за мене не е ништо друго туку израз и производ на човековата слабост“, напишал физичарот година дена пред својата смрт.

Надавањето за писмото на аукцијата во Њујорк завршило за четири минути, а постигната цена била многу поголема од проценката на куќата „Кристис“, која се движела околу 1,5 милион долари.

Ајнштајн писмото го напишал додека живеел во Принстон, во државата Њу Џерси, како одговор на книгата на Гуткинд од 1952 година, во која пишува за еврејството, Израел и модерното време.

Scroll to Top