По Шведска, „Зоки Поки“ ќе се прикажува и на најгледаната норвешка телевизија

ТВ-серијата „Зоки Поки“ продолжува да ја освојува Скандинавија. По најавата за емитувањето во Шведска, пристига и најава за емитување во Норвешка, на норвешката национална телевизија NRK.

NRK е јавен сервис, но и најгледана телевизија во Норвешка. Од медиумот велат дека речиси секој жител на Норвешка користи барем еден од нивните сервиси во текот на денот. За „Зоки Поки“, тоа значи потенцијал за широка гледаност.

Претстојното емитување на „Зоки Поки“ во Шведска и во Норвешка е од историско значење за македонската кинематографија. Досега немало друга македонска серија и воопшто програма од овие простори што се емитувала во двете земји во Скандинавија. Заслугата за емитувањето во овие две земји е на дистрибутерот Videoplugger од Лондон.

„Кога првпат ја гледав ‘Зоки Поки’, бев прилично сигурен дека ова ќе биде соодветна серија за NRK. Приказните од Северна Македонија имаат универзален карактер и мислам дека децата од Норвешка ќе се поврзат со нив. Тие се топли и смешни, кастингот е одличен, а квалитетот на продукцијата е навистина добар“, изјавил Кор Снипсејр, директор за набавка на програма во NRK.

Приказната за Зоки Поки има во себе еден заборавен свет на вредности, кои во нашето детство беа секојдневие. Модерната екранизација на популарната детска книга на писателката Оливера Николова е во продукција на „Кинооко“.

Режисери на серијата се Александар Поповски и Марија Апчевска.

Scroll to Top