Полицаец работи како диџеј, вели музиката му го спасила животот

Поручник Ак Роудс работи истовремено како полицаец, но и диџеј. За себе вели дека музиката му е  хоби и дека со истата се има прославено и како полицаец.

Роудс, кој работи во њујоршката полиција, слободното време го користи зад миксетата. Вели дека ја засакал уште на својата петгодишна возраст, а тоа што бил познат диџеј во својот крај му го спасило и животот.

Роудс вели дека тоа што станал диџеј му помогнало да се носи со стресот што го носи полициската работа. Полицаецот се потсетил на еден таков момент кога се соочил со бездомник кој му се заканил со нож.

„Момчето ме препозна.  А сосема се смири кога го замолив да го спушти ножот. Веднаш ми го даде и почнавме да разговараме. Му овозможив лекарска помош. Го однесов во болница, а на крајот момчето се исели од прифатилиштето каде што живееше. Подоцна се ожени и сега живее во Квинс“, вели Роудс.

Во време кога во делови од американското општество владее недоверба во полиција, пред сè поради обвинувањата за расно профилирање, полицијата во Њујорк се обидува да воспостави колку што е можно подобри односи со својата заедница. Поручник Роудс вели дека тоа го постигнува со музиката.

Тој своте дела ги претставува на „Инстаграм“, а покрај колегите полицајци во одделот, меѓу неговите пријатели се и познати музички личности од Њујорк и други градови.

Scroll to Top