Поради честото консумирање на водка многу млади Руси умираат

Високата стапка на рана смртност во Русија е предизвикана од преголемото користење на алкохол, а посебно на водка, покажува истражувањето што го направи еден меѓународен тим експерти.

Според податоците добиени во истражувањето, што ги објави британското медицинско списание „Лансет“, дури 25 отсто од руските мажи умираат пред да наполнат 55 години, а како главна причина за нивната смрт се посочува пиењето.

Како причина за смртноста, најчесто се заболувањата на црниот дроб и труењето со алкохол. Многу смртни случаи се регистрирани и поради разни несреќи и трагични инциденти, како и поради учество во тепачки, сите предизвикани како последица на алкохолот и на пиењето.

Во истражувањето учествувале здравствени експерти од рускиот центар за рак од Москва, од Универзитетот во Оксфорд и од Светската здравствена организацја-центарот за рак во Франција. Експертите проучувале 151.000 возрасни лица, во три големи руски градови, во последните десет години.

Во времето додека траело истражувањето, починале 8.000 лица од оние кои биле опфатени со проучувањето. Сите тие, освен што пиеле многу водка, биле и страстни пушачи.

Во 2011 година, секој возрасен Русин испил по 13 литри чист алкохол, од кој осум литри била водка.

Scroll to Top