Потроши два џокера на лесно прашање во квизот „Милионер“

Су Ајхан од Турција искористи два џокера за четвртото прашање во квизот „Кој сака да биде милионер“. Обично првите неколку прашања во популарниот квиз се лесни. Но, голем број од натпреварувачите се изгореле и покрај лесните одговори.

За 3.000 турски лири 26-годишната девојка требало да даде точен одговор на прашањето „Каде се наоѓа Кинескиот ѕид“. Понудените одговори биле Кина, Индија, Јужна Кореја и Јапонија.

Со оглед на тоа дека самото прашање го содржи одговорот, за многумина во студиото било зачудувачки зошто Су имала потреба да побара џокер. Од публиката 51 отсто одговориле точно. Тоа уште повеќе ја збунило Су, па замолила да искористи уште еден џокер. За среќа, пријателот што го побарала го знаел точниот одговор.

Девојката испадна на следното прашање. Су одговори погрешно на прашање за изведувач на популарна песна во Турција. Како што пренесуваат медиумите, Су, но и публиката во студиото, станаа предмет на потсмев во Турција, а многумина за тоа го обвинуваат образовниот систем во земјата.

„Се надевам дека многумина во публиката одговориле погрешно на прашањето за Кинескиот ѕид затоа што сметале дека е прелесно, па барале некаква стапица. Во спротивно, ова претставува голем проблем со незнаењето кој не може да биде решен, дури ни со новиот министер за образование“, изјавил Ахмет Хакан, колумнист во турскиот весник „Хуриет дејли њуз“.

Во своја одбрана Су рекла дека имала право да ги искористи џокерите кога таа ќе посакала.

 

Scroll to Top