Пронајдените момчиња во пештерата во Тајланд: Не се грижете, силни сме!

Заробените момчиња во пештерата во Тајланд им пишале на нивните родители писма, во кои им порачуваат да не се грижат и дека се многу силни.

Во пораките тие побарале специфична храна која им ја подготвувале во секојдневието. Најголем дел од нив побарале пржено пилешко.

„Наставничке, немојте да ни давате многу домашни задачи“, напишало едно од момчињата во своето писмо.

Тренерот на момчињата кој исто така е заглавен со децата им се извинил на родителите.

„Драги родители, сите деца се добро, спасувачките екипи се грижат за нас. Ви ветувам дека ќе се грижам и јас за нив на најдобар можен начин. Им благодарам на сите кои пристигнаа да ни помогнат“, напишал тој.

Групата деца ги испратила писмата, откако претходно тие добиле пораки од нивните семејства. Ова е првата комуникација која тие ја имале со родителите.

Момчињата и нивниот тренер беа пронајдени во понеделникот, 10 дена откако исчезнаа и откако спасувачите се обидуваат да ги извлечат од пештерата.

Scroll to Top