Путин: Историјата ќе им пресуди на работите, како што тоа го направи со Југославија

Рускиот претседател Владимир Путин најодлучно ги осудил нападите што ги извеле САД со сојузниците врз режимот во Дамаск во Сирија како одмазда за наводниот хемиски напад.

„Вашингтон тргна во агресивна акција против суверена држава која е на чело во борбата против тероризмот“, изјавил рускиот претседател.

Путин истакнал дека мултинационалните напади не биле санкционирани од Советот за безбедност во Обединетите нации, а кои се спроведени токму спротивно од Повелбата на Обединетите нации и начелата на меѓународното право.

„Моментната ескалација на сириската криза има разорно влијание врз целиот систем на меѓународни односи. Сепак, историјата ќе им пресуди на работите баш како што тоа го направи со Југославија, во која Вашингтон беше одговорен за масакр“, истакнал Путин.

„Русија најодлучно го осудува нападот врз Сирија, каде што руски војници помагаат на легитимна избрана влада во борбата против тероризмот“, изјавил рускиот претседател во соопштението што го издал Кремљ.

Претседателот Путин исто така објавил дека Русија бара итен состанок со Советот за безбедност во Обединетите нации да расправа за агресивното дејствување на САД и нивните сојузници во Сирија.

„Западните удари се водени без согласност на Советот за безбедност на Обединетите нации кршејќи ги Повелбата на Обединетите нации, нормата и начелото на меѓународното право и претставуваат чин на агресија врз суверена држава која се наоѓа во првите редови во борбата против тероризмот“, пишува во соопштението издадено од Кремљ.

„Руските воени експерти кои пристигнале на самото место до тој имагинарен инцидент не откриле никаква трага на користење хлор или друга токсична супстанција. Ниеден жител не потврдил хемиски напад“, додал Путин во изјавата.

Според него, Западот покажал циничен презир кон Организацијата за забрана на хемиско оружје, која во саботата требало да почне со истрагата во Дума поведувајќи воена акција не чекајќи ги заклучоците од истрагата.

„Со своето дејствување САД ја влошуваат хуманитарната катастрофа во Сирија и нанесуваат страдања врз цивилното население. Ги фаворизираат терористите што веќе седум години го мачат сирискиот народ и предизвикуваат нов бран бегалци“, велат од Кремљ.

 

 

 

 

 

Scroll to Top