Путин на директна линија со граѓаните

Рускиот претседател Владимир Путин ќе одговара на прашања на граѓаните во рамките на редовната годишна програма „Директна линија“, која според наводите на организаторите до среда во 12 часот по московско време стигнала до повеќе од 1.385.000 луѓе.

Според наводите на организаторите, најголемиот број прашање стигнале преку телефон од 803.135 лица, а некои користеле и СМС-пораки, околу 317.000, а други упатувале прашања преку ММС-пораки, станува збор за повеќе од 31.500 лица.

Околу 144.000 лица поставиле прашања преку посебна интернет-страница, а речиси 90.000 луѓе користеле специјални апликации и официјални групи на социјалните мрежи за да му постават прашање на претседателот на Русија.

Организаторите ги примале прашањата на граѓаните за програмата од 27 мај, а тоа ќе продолжат да го прават сѐ до завршувањето на емисијата.

Прашањата упатени на шефот на руската држава се однесуваат на транспортните комуникации со Крим, состанокот со американскиот претседател Доналд Трамп и ситуацијата во врска со новинарот Аркади Бабченко, кој неодамна го исценирал сопственото убиство во Киев.

Поединци му поставиле на претседателот и лични прашања, како, на пример, дали се плаши од политичките ривали и дали мисли дека рускиот фудбалски тим ќе ја мине групата на претстојното Светско првенство во Русија.

 

 

 

Scroll to Top