На рускиот милијардер Роман Абрамович му е забранет престој во Велика Британија. Сопственикот на „Челси“ со месеци не е виден во својот дом во Лондон, а британските медиуми пишуваат дека е протеран од земјата и тврдат дека Абрамович никогаш веќе нема да смее да се врати таму. Наводно, имиграциските службеници добиле инструкции да му забранат на Абрамович да се врати во својата вила во близина на палатата Кенсингтон за која платил 125 милиони фунти.
Освен Абрамович, од земјата наводно е протеран и Алишер Усманов, кој има удел во фудбалскиот клуб „Евертон“.
Абрамович е еден од 35-те руски олигарси што Алексеј Навални, лидерот на опозицијата во Русија, ги оцени како главни поддржувачи на режимот на Путин. И британската влада воведе санкции против Русија поради воената интервенција во источна Украина, а први на удар беа руските олигарси.
Абрамович никогаш не доби британско државјанство. Тој стана израелски државјанин во 2018 година поради што можеше да влегува во Британија без виза. Тој претходно со рускиот пасош поседуваше виза од типот Tier 1 investor, тип на виза што им се доделува на богаташи што сакаат да влезат во Британија и да инвестираат во земјата. За да добие ваква виза, поединецот мора да инвестира барем 2 милиона долари во земјата во првите три месеци од пристигнувањето.
Богатството на Абрамович се проценува на 8,4 милијарди фунти. Неговиот имот вклучува недвижности, но и серија суперјахти, меѓу кои и „Соларис“, која чини 450 милиони фунти и има систем за откривање проектили. Рускиот милијардер своето богатство го стекна со продажба на недвижен имот и имот што бил во сопственост на државата пред распадот на Советскиот Сојуз.
Тој во 2003 година го купи фудбалскиот клуб „Челси“, кој во во тоа време беше просечен англиски премиерлигаш, но Абрамович го направи еден од најуспешните фудбалски клубови во 21 век.