Рудар преку ноќ стана милионер

Рударот Саниниу Лајзер (52) во Танзанија стана милионер преку ноќ, откако пронашол две парчиња необработени скапоцени камења на танзанит. Двете паричиња биле тешки 15 килограми и досега никогаш не биле најдени со толкава грамажа.

Саниниу двете парчиња танзанит ги продал за 3.4 милиони долари на Министерството за скапоцени камења во Танзанија, пренесува Би-би-си.

Саниниу изјавил дека од овие пари сака да инвестира во својот крај и да изгради трговски центар и училиште во близина на својата куќа. Тој вели дека многу луѓе во неговото соседство се сиромашни и дека не можат да си дозволат децата да ги пратат во училиште.

Рударот изјавил дека парите кои ги добил нема да го променат неговиот начин на живот и дека тој планира и понатаму да ги одгледува своите 2.000 крави, додека работата во која ќе ги вложи парите ќе им ја остави на своите деца.

Саниниу има преку 30 деца и четири жени. Тој изјавил дека нема потреба да презема дополнителни мерки на претпазливост поради парите и дека неговиот крај е безбеден. Тој најави голема прослава по повод изненадувачката добивка.

На рударите како Саниниу им е потребна дозвола за работа во потрага по танзанит, но илегалното рударство е во голема мера застапено во земјата, особено во близина на рудниците кои се во сопственост на големите компании.

Танзанитот спаѓа во највредните видови на драгоцени камења и може да се најде единствено во северна Танзанија. Експертите проценуваат дека залихите од овој драгоцен камен може во целост да бидат исцрпени во наредните 20 години.

Претседателот на Танзанија во 2017 година ѝ нареди на војската да изгради ѕид во должина од 24 километри, околу брдото Мерелани во областа Манјар, за која се смета дека претставува единствен извор на транзанит.

Во наредната година дојде до зголемување на приходот во рударскиот сектор, што властите го протолкуваа како последица од изградбата на ѕидот.

Scroll to Top