Рускиот режисер Клим Шипенко, кој го сними филмот „Предизвик“ на Меѓународната вселенска станица, сега вели дека е подготвен да снима филм на Месечината или на Марс. Тој и актерката Јулија Пересилд беа 12 дена во вселената и снимаа сцени за првиот филм што некогаш е работен во орбита.
Шипенко и Пересилд се вратија на Земјата минатиот викенд откога собраа повеќе од 30 часа материјал за „Предизвик“. Руските медиуми ја поздравија нивната работа и ја нарекоа светско достигнување, особено што ги претркаа Том Круз и НАСА, кои најавија дека ќе снимаат филм во вселената.
Прашан за можно продолжение на Месечината, Шипенко на прес-конференција рече: „Подготвени сме. Веруваме дека вселенскиот филм треба да се снима во вселената. Ако станува збор за Месечината, ќе одиме на Месечината, ако е Марс, одиме на Марс. Зошто да не? Зошто еден филм треба да се снима во студио?“, рече тој.
„Секоја секунда беше големо откритие“, рече Пересилд, која во филмот глуми лекарка што треба да отпатува до вселенската станица (ИСС) за да го спаси животот на еден космонаут.
Руските државни медиуми обезбедија целосно покривање на вселенскиот филмски потфат во време кога милијардерите Илон Маск, Ричард Бренсон и Џеф Безос се на насловните страници на светските медиуми по лансирањето на сопствените ракети во вселената, а самата руска вселенска програма претрпе одложувања, дефекти и корупциски скандали, пишува „Ројтерс“.