Американската влада ја погуби Лиса Монтгомери. Тоа е единствената жена која чекаше извршување федерална смртна казна. Врховниот суд ја отфрли можноста за одложување во последен момент па таа прими смртоносна инјекција во затворот во Тер Хоут во Индијана. Лиса е првата жена од 1953 година врз која била извршена федерална смртна казна.
Нејзините адвокати се бореа против егзекуцијата, тврдејќи дека таа е ментално болна и претрпела сериозни злоупотреби како дете.
Монтгомери (52) беше осудена за убиство на трудница во Мисури во 2004 година. Монтгомери ја задавила 23-годишната Боби Џо Стинет, која била во осми месец од бременоста, по што ѝ го извадила бебето од утробата. Бебето преживеало и подоцна му било вратено на семејството на Стинет.
„Владата не се двоумеше во својата намера да ја убие оваа оштетена и заблудена жена. Егзекуцијата на Лиса Монтгомери беше далеку од правда“, изјави адвокатката Кели Хенри, додавајќи дека Монтгомери во детството била сексуално и физички злоупотребувана од родителите.
Извор: Би-Би-Си