Сакам да ги тормозам невакцинираните, ќе им го направам животот тежок, кажа Макрон

Францускиот претседател Емануел Макрон планира да им го направи животот тежок на луѓето кои не сакаат да се вакцинираат против ковид-19. „Навистина сакам да ги тормозам и ќе продолжам да го правам тоа до крај“, изјави Макрон во интервју за весникот „Паризиен“.

Политичките противници го нападнаа и велат дека вакви жестоки зборови не се соодветни за еден претседател. И пратениците во Националното собрание ја прекинаа расправата за законот со кој на невакцинираните ќе им се забрани пристап до најголем дел од јавните места по изјавата на Макрон.

Законот треба да биде усвоен оваа недела, но неколкумина пратеници кажаа дека поради него примиле смртни закани од противниците на вакцинирањето.

„Ние не сакаме присилно да вакцинираме никого, туку сакаме да ги охрабриме луѓето да се вакцинираат така што ќе им ги ограничиме активностите во јавниот живот колку што е можно повеќе. Јас нема да ги праќам невакцинираните во затвор, туку ќе им кажеме дека од 15 јануари веќе нема да можат да влезат во ресторани, да седнат на кафе, да одат во театар и кино“, вели Макрон.

Тој притоа го употреби зборот emmerder, што е вулгарен израз за нервира, тормози.

Повеќе од 90% од возрасните жители на Франција се вакцинирани со две дози, што е една од највисоките стапки во ЕУ, но Макрон потенцира дека пет милиони луѓе и натаму не се вакцинирани.

Scroll to Top