Се разбуди вулканот Попокатепетел во Мексико

Вулканот Попокатепетел во Мексико, што се наоѓа на 72 км југоисточно од Мексико Сити, повторно се разбуди и почна да исфрла чад и пепел на далечина од над три километри, пренесуваат светските агенции. Националниoт центар за превенција на катастрофи го предупреди населението да го напушти подрачјето на вулканот поради активност во кратерот, оти регистрирале 183 емисии на гас и пепел во изминатите 24 часа.

Шефот на Агенцијата за цивилна заштита на Мексико, Фаусто Луго, на „Твитер“ објави дека нема опасност за населението. Но, мексиканските власти ги предупредуваат луѓето да ги покриваат носот и устата кога излегуваат надвор, да ги чуваат своите миленичиња дома и да ги ограничат физичките активности.

Вулканот е висок 5426 метри и е еден од најактивните вулкани во земјата. Неговата најмоќна ерупција беше во 2000 година, кога  беа евакуирани илјадници луѓе.

Scroll to Top