Семејствo од Вухан нарачало свинска чорба од ресторан во близина на нивната куќа, но храната бргу им преседнала кога во неа пронашле мртов лилјак.
Супата најпрвин ја пробал таткото, кој изел речиси половина од нарачаниот дел. Кога другите членови решиле да го изедат остатокот, три дена по нарачката, нашле мртов лилјак во чорбата, пишува „Дејли мејл“.
На телевизиската снимка јасно се гледа дека станува збор за лилјак, а семејството бргу се упатило кон ресторанот, каде што им било кажано дека замрзнатите продукти ги купиле од локален производител.
Сопственикот на ресторанот истакнал дека е невозможно лилјакот да паднал во чорбата, туку дека тој сигурно слетал во садот откако семејството Чен го отворило оброкот.
Локалните власти повеле истрага откако семејството Чен поднело жалба, но истрагата е комплицирана со оглед на тоа дека лилјакот бил пронајден дури три дена по купувањето на чорбата.
Сите членови на семејството од Вухан во меѓувреме се тестирале и се негативни на коронавирусот, а сопственикот на ресторанот се согласил да им плати обесштетување во висина од 225 фунти, пренесува „Дејли мејл“.
Засега не е докажано кој е изворот на вирусот, кој најпрвин се појави во Кина, но се претпоставува дека првичните носители биле лилјак или панголин.