Семејството на двегодишниот Јаков успеа да собере половина од средствата потребни за негово лекување во Турција. Тие заедно со австралискиот бизнисмен Џим Ристевски собраа околу 50.000 долари од потребните 100.000.
Јаков со родителите веќе е сместен во болницата во Турција, каде што ќе му биде направена хемотерапија. Бизнисменот од Австралија, кој има македонско потекло, претходно успеа да собере пари преку неговата мрежа на деловни партнери и пријатели и да уплати околу 28.000 австралиски долари.
„Овој пат, парите ги собравме за една недела со навистина лесен напор. Сторијата ги стопи срцата на луѓето. Повеќето од средствата ги собрав од семејството, пријателите и бизнис-партнерите во Австралија. Секогаш лично донирам голем дел. Сакам да се заблагодарам на сите македонско-австралиски фан-страници на социјалната мрежа ‘Фејсбук’ за нивното ангажирање веста да допре преку оваа платформа до многу луѓе. Голема благодарност до македонските медиуми, кои кај вас ја раширија веста за акцијата. И благодарност до сите добри луѓе што ги отворија и срцата и џебовите за да успееме“, рече Ристевски.
Познатиот бизнисмен и филантроп третпат со своја иницијатива успеа да ја вклучи заедницата во Австралија за помош.
Во 2016 година, кога се случија големите поплави, тој успеа да собере 10.000 австралиски долари за малиот Ведран Велиновски од Крива Паланка, кој ги загуби своите мајка и брат на скопската обиколница.
Лани повторно се јави како организатор на иницијатива за собирање донации, во која ја вклучи својата ќерка Медисон Ристевски, средношколка од Волонгонг, Австралија.
Таа ѝ припаѓа на четврта генерација Австралијци со македонско потекло и изработувајќи средношколски проект, ги заинтригира светот и дијаспората.
Донациите доаѓаа од хумани луѓе од Австралија, Кина, Филипините, Нов Зеланд, Малта, Канада, САД, а беа наменети за реконструкција на Медицинското училиште „Д-р Јован Калаузи“ од Битола, кое беше во очајна состојба.
Бизнисменот Ристевски од Австралија уплати 28.000 долари за лекување на малиот Јаков од Кочани