Тања Ерихсен, шефицата на Данската агенција за лекови, се онесвести на прес-конференција откако соопшти дека земјата веќе нема да ја користи вакцината на „АстраЗенека“ за да го имунизира населението против коронавирусот.
Ерихсен се онесвести додека ги информираше новинарите за новиот развој на настаните во земјата. Тројца мажи притрчаа да ѝ помогнат. По ова, таа беше превезена во болница, а данските медиуми информираа дека е добро. Тие не ја открија причината поради која се онесвестила.
Данска стана прва европска земја која објави дека веќе нема да ја користи вакцината на „АстраЗенека“ за своето население, откако таа беше поврзана со појава на тромбоза. Во Данска се регистрирани два вакви случаи, а една 60-годишна жена починала.
Дополнително, голем број држави ја ограничија употребата на оваа вакцина на одредена возрасна група и препорачаа да се дава само на лица над 55-60 години.