Шпанската божикна лотарија „Ел Гордо“ подели 2,4 милијарди евра на илјадници добитници

Шпанската божикна лотарија „Ел Гордо“, позната по најголемиот награден фонд на светот, синоќа исплати 2,4 милијарди евра на илјадници добитници, пренесува „Дојче веле“.

Главната награда изнесува четири милиони евра, а оваа година победничкиот број 72897 бил погоден дури 172 пати. Оваа лотарија се смета за една од најдарежливите во светот.

Извлекувањето, за разлика од минатите години, поради пандемијата на коронавирусот, се одржа без публика. Било пренесувано на телевизија и како и секоја година и овој пат биле снимени најубавите моменти од луѓето пред шалтерите од каде што биле купени добитните лозови.

Оваа лотарија ја играат голем број луѓе, но поради високата цена на еден лоз, голем број семејства, групи пријатели или колеги на работа купуваат заеднички лозови или, пак, ги подаруваат како новогодишни подароци. Еден лоз чини 200 евра.


Во последните неколку недели биле забележани долги редици луѓе пред продавниците каде што се продавале овие лозови. За многумина, оваа лотарија била особено значајна и ја очекувале со нетрпение поради економската криза во Шпанија, пренесуваат медиумите.

Шпанија беше една од европските земји кои беа најтешко погодени од коронавирусот. Оваа лотарија на почетокот е основана како добротворна организација во 1763 година за време на владеењето на шпанскиот крал Карлос Трети и се одржува непрекинато од 1892.

Се одржува секоја година на 22 декември во Мадрид. Таа има цел да им помогне на неколку добротворни организации, а истовремено да ги полни и државните каси.

 

 

Scroll to Top