Со најубавите дела од Чајковски почнува Охридско лето: 90 уметници ќе настапат вечер на фестивалот

На Античкиот театар во Охрид вечерва ќе се одржи свеченото отворање на 61. Охриско лето. Фестивалот, кој ќе трае од 12 јули до 20 август и на кој ќе настапат околу 500 уметници од 18 земји, ќе почне со проектот на Националната опера и балет „Големиот Чајковски“.

Ова е балетската трилогија со најубавите дела на рускиот композитор Петар Илич Чајковски: „Лебедово езеро“, „Оревокршачка“ и „Заспаната убавица“. На отворањето ќе бидат изведени и делови од балетот „Ана Каренина“ и операта „Евгениј Онегин“, а ќе настапат повеќе од 90 уметници, балетски првенци, солисти, како и ансамблот и оркестарот на Националната опера и балет, предводени од диригентката Бисера Чадловска.

На годинашното Охридско лето ќе има врвни концерти со познати светски имиња, но и македонските умнетици со светска слава, домашни национални оркестри.

Концертот „Танец и Ладо под ѕвездите“ на Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ и Ансамблот на народни игри и песни „Ладо“ од Хрватска, кој ќе се одржи на 28 јули, ќе биде со хуманитарен карактер, а средствата од купените билети ќе бидат донирани во здравството.

Во музичката програма ќе настапат Александар Штаркман, Ѓуљсин Онај, Вихан квартет, Даниел Родан, Стојан Димов и Дино Имери, гудачки квинтет на филхармонијата од Загреб, Алесандро Фатони и Џорџо Мартану и многу други.

Во драмската програма на фестивалот претстави ќе изведат неколку македонски театри, но и двете најголеми театарски куќи од Србија, Српско народно позориште од Нови Сад и Југословенско драмско позориште од Белград, а Иван Босиљчиќ ќе чита поезија од Блаже Конески.

Scroll to Top