Со влог од 200 милиони евра „Римац“ почна да го гради мегакампусот во близина на Загреб

By

Хрватската автомобилска компанија „Римац“ со влог од 200 милиони евра ја почна изградбата на новиот мегакампус во Света Недела, во близина на Загреб. Во тек се подготовки на земјиштето, а изведувач е хрватската компанија „Фациес“, пренесуваат тамошните медиуми.

Тој ќе биде на 200.000 квадратни метри, од кои 95.000 ќе бидат работна површина. Неговата изградба чини 200 милиони евра, а моментно е еден од најголемите градежни и финансиски проекти во државата. Ќе се гради според проект на загрепското студио 3ЛХД и архитектот Марко Дабровиќ.

Градската управа на Света Недела годинава потпиша договор за изнајмување на земјиштето на 69 години. Според договорот, „Римац“ мора да го заврши кампусот за најмногу 3 години по потпишувањето. Од компанијата велат дека тој ќе биде готов во 2023 година и дека таму ќе развиваат и нови модели на „бугати“.

Во рамките на кампусот предвидено е да има истражувачки центар, патеки за тестирање возила, производни хали и спортско-рекреативни содржини за вработените.

Подготовките за кампусот почнаа во 2019 година. Во меѓувреме компанијата ја продлабочи соработката со „Порше“ преку повеќе зделки, потпиша договори за техничко партнерство со „Хјундаи“ и „Киа“, вредни 80 милиони евра, најави производство на автономни такси-возила за Загреб, го промовира прототипот на хиперавтомобилот „невера“ и го презеде луксузниот бренд „бугати“ на „Фолксваген“.

Компанијата моментно располага со 1.100 вработени, кои работат на шест локации.

Ќе ви се допадне