Сопругата на сирискиот претседател Башар ал Асад боледува од рак

Сопругата на сирискиот претседател, Асма Асад, боледува од рак, пренесуваат сириските медиуми. На официјалната фејсбук-страница на  Башар ал Асад е објавена фотографија од сирискиот претседател како седи покрај болничкиот кревет на својата сопруга, која прима терапија. Под неа пишува дека малигниот тумор е откриен во раната фаза, пренесува АП.

За разлика од својот сопруг, Асма не пораснала во Сирија. Родена е во Велика Британија каде што завршила факултет. Учела во училиште на англиската црква, каде што пријателите ја познавале како Ема. Родителите ѝ биле кардиолози, а таа студирала француски, а подоцна работела за „Дојче банк“ во Лондон како инвестициски банкар.

За својот сегашен сопруг се омажила кога имала 25 години. Се запознале кога Башар бил на специјализација на офталмологија во Лондон, а повторно се сретнале во 2000 година. Се венчале во тајност, една година подоцна, неколку дена откако нејзиниот сопруг ја презел функцијата претседател.

Првата дама на Сирија ја нарекуваат „Пустинска ружа“, додека за други е „Првата дама на пеколот“, пренесува британски „Гардијан“. Таа е активна на социјалните мрежи, каде има мал дел објавени фотографии со децата. Објавени се фотографии од посетата во градинките или слични установи.

„Заедно ќе бидеме посилни и заедно можеме сè да пребродиме. Те сакам“, пишувало на една од пораките на е-пошта што Асма му го испратила на својот сопруг.

Башар и Асма имаат три деца, Хафез (14), Зеина (12) и Карима (11). За најстариот син веќе се зборува дека би можел да го наследи својот татко.

Scroll to Top