Стивен Хокинг ќе биде погребан на 31 март во Кембриџ

Погребот на британскиот физичар Стивен Хокинг ќе се одржи на 31 март во Кембриџ, каде што живел и предавал подолго од 50 години, објавиле неговите деца во соопштението пуштено до јавноста.

Хокинг кој станал славен по работите објавени за вселената, почина на 14 март на 76-годишна возраст. Кембриџ е градот кој толку го сакал и кој му ја возвратил љубовта, наглaсиле неговите деца.

Погребот ќе се одржи во црквата  Свети Мери на велигденска сабота. Ќе биде традиционален погреб, кој ќе го отслика опсегот и разноликоста на неговиот живот, се додава во соопштението.

Илјада лица се запишале во книгата на жалост, која била отворена по смртта на научникот, кој станал познат во јавноста по својата книга „Кратката историја на времето“, објавена во 1988 година.

Тој им пркосел и на црните прогнози на лекарите кои му давале само неколку години живот кога во 1964 година, како 22-годишен студент, му била дијагностицирана невродегенеративна болест, амиотрофична латерална склероза, која во текот на времето целосно го парализирала, па морал да комуницира преку компјутерски генериран глас и со движења на веѓите.

Хокинг повеќепати напоменал дека сака на надгробната плоча да му ја изгравираат таканаречената – „Равенка на Хокинг“.

Таа ги содржела најважните делови од неговото откритие, искажувањето на идејата која потоа го дефинирала целиот негов труд – дека црните дупки не се целосно црни затоа што емитуваат зраци кои се познати како „Хокинговата радијација“.

Тоа сознание довело до ново откритие и разбирање не само за црните дупки туку и за начинот на кој универзумот расте и се менува со текот на времето.

 

 

Scroll to Top