Тинејџер преживеал 49 дена пловејќи сам низ Пацификот

Индонезискиот тинејџер Алди Новел Адиланг (18) преживеал 49 дена пловејќи сам низ Пацифичкиот Океан. Откако заминал да лови риба со мал дрвен чамец, бил немоќен да ѝ се спротивстави на струјата,  која го однела во морските длабочини.

Адиланг пловел повеќе од 2500 километри, а на крајот бил спасен во близина на островот Гуам, на американската територија во Пацификот. По недела дена останал без храна и преживеал благодарение на тоа што бил добар риболовец. Морал да ја цеди облеката за да се снабди со вода за пиење.

Адиланг раскажал дека постојано ја вклучувал ламбата кога ќе забележал некој брод да минува во близина. Од индонезискиот конзулат во јапонскиот град Осаки соопштиле дека тинејџерот бил спасен од брод што пловел покрај крајбрежјето Гуама под панамско знаме. Адиланг на почетокот на овој месец, благодарение на индонезиските официјални лица, се вратил во родната земја.

„Мислев дека никогаш нема да си ги видам родителите, па се молев секој ден. Додека ајкулите кружеа околу мене, ја читав Библијата“, изјавил Адиланг, кој на почетокот на овој месец се вратил во своето село во Индонезија.

Scroll to Top